На заедничка иницијатива на На „Точак“ (неформално здружение за урбан велосипедизам) и Здружение на граѓани „Одржливи иницијативи“, како и со поддршка од 40 формални и неформални организации (наброени подолу), денес беше испратено отворено писмо со наслов “Простор анти корона“ до надлежните институции и медиумите
Следејќи ја ситуација поврзана со Коронавирусот, како во земјава, така и во странство, ви се обраќаме со отворено писмо со цел да ве поттикнеме да се преземат дополнителни итни мерки кои ќе овозможат зголемено дистанцирање меѓу поединци, односно спречување на ширење на вирусот, а при тоа ќе овозможат луѓето побезбедно да се движат.
Во согласност последната објава за задолжително физичко растојание, сметаме дека покрај обезбедувањето физичко растојание, поттикнувањето на не-моторизираното движење (пешки и со велосипед) ќе придонесе и за:
– намалување на загадениот воздух, кој пак е поврзан со зголемен степен на смртност на корoнавирус пациентите според студии направени во Италија и САД;
– поради редуцираноста на јавниот превоз на кој се потпираат голем дел од граѓаните, овие интервенции ќе овозможат пристап до безбедна алтернатива за движење за луѓето кои не поседуваат автомобил, немаат возачка дозвола и не можат да си дозволат користење на такси;
– ќе им овозможат на луѓето потребна, минимална физичка активност и излегување на воздух додека патуваат до работа и ги извршуваат нужните обврски, што е позитивно за нивниот имунитет и добра психолошка состојба.
Нашиот предлог итни мерки се состои во поттикнување на луѓето да користат велосипед или да одат пеш преку зголемување на површините за возење велосипед и за пешачење во вид на привремени велосипедски или пешачки ленти на сметка на коловозите.
Во ситуација на значајно редуциран автомобилски сообраќај, овие интервенции е лесно да се реализираат без никакви негативни ефекти, како што покажува евалуацијата направена во Берлин.
Предлагаме:
-На булеварите со повеќе ленти, најдесната лента да биде привремено наменета за велосипеди, а велосипедската патека (доколку воопшто ја има) да биде привремено наменета за пешаци.
– На улиците каде има доволно широк коловоз да се воведат велосипедски ленти.
– На улиците од понизок ранг – маалските улици кои немаат воопшто тротоари, немаат доволно широки тротоари или тротоарите се користат за паркирање, да се воспостави зона 20, односно ограничување на движење од најмногу 20 км/ч со цел да се овозможи безбедно споделено користење од пешаци, велосипедисти и моторни возила на коловозот.
– Просторот зафатен со платените паркинзи како тие на ЈП Градски Паркинг, Град Скопје, ЈП за ПУП – Прилеп и ЈП Паркинзи на Општина Центар кои се долж улиците (и на сметка на тротоарите/односно улиците) да се врати на пешаците и велосипедистите.
– Сите општини да ги лоцираат местата каде особено се групираат граѓаните чекајќи ред (пред маркети, аптеки, банки итн.) и да го прошират пешачкиот простор на сметка на колозовот и паркирањето.
Овие наши предлози ги доставуваме поради ситуацијата на недостаток на безбеден велосипедски и пешачки простор по улиците, особено кога е потребно безбедно разминување на растојание од најмалку 1 метар според препораките (според најновите препораки од Министерство за здравство – 2 метри), на тротоари и простори кои се некаде потесни и од 1 метар, а некаде и непостоечки. Дополнително, редиците кои се создаваат пред продавниците и аптеките бараат зголемен простор за да може на безбедно растојание да се чека ред, но и да може минувачите и тие кои чекаат ред да се разминат.
Овие наши предлози се преземени од мерките кои градовите од светот ги прават. Како илустрација ќе наведеме само неколку:
– Берлин, Германија и Будимпешта, Унгарија воспоставија привремени велосипедски ленти на сметка на автомобилските ленти.
– Богота, Колумбија, воспостави 117 километри привремени велосипедски рути за намалување на гужвите во јавниот превоз поради корона-вирусот.
– Британија ги поедностави процедурите за општините да можат привремено да ги затварат сообраќајниците во корист на простор за пешаци и велосипедисти.
– Бруклин (Масачусец), САД, ја менува конфигурацијата на повеќе улици со цел да обезбеди физичко дистанцирање меѓу пешаците и се укинува паркирањето на некои улици, а некаде се одземаат цели коловозни ленти, со цел да се добие привремено проширување на тротоарите.
– Виена, Австрија, воспостави зони 20 во маалата каде тротоарите се тесни со цел пешаците да можат безбедно да се разминуваат.
– Милано, Италија со цел намалување на аерозагадувањето ќе трансформира 35 км од коловозите во велосипедски и пешачки патеки.
– Монтреал, Канада прошири тротоари на сметка на организираните паркинзи за автомобили со цел да им помогне на пешаците да одржуваат растојание еден од друг.
– Нов Зеланд ги финансира општините да спроведат нискобуџетни интервенции (со боја, жардињери и конуси) на улиците со кои ќе го зголемат просторот за пешаци и велосипеди и кои можат да се изведат во рок од неколку дена.
Светската здравствена организација исто така дава препораки за пешачење и возење велосипед со цел да се остане физички и ментално здрав како мерка против коронавирусот, конкретно СЗО генералниот директор Тедрос Адханом Геврејесус на прес конференција на 20 март кажа: “За време на ова тешко време, важно е да се внимава на вашето физичко и ментално здравје. Ова не само што ќе ви помогне долгорочно, исто така и ќе ви помогне да се борите со КОВИД-19 доколку го добиете.” Оттука ГД на СЗО препорачува, меѓу другото, доколку може да излезат луѓето да пешачат, да трчаат или да возат велосипед држејќи безбедно растојание.
Како што Министерот за здравство посочува, кризата ќе трае во текот на целата оваа година. Сите споменати градови посочуваат: дури и после достигнувањето на пиковите, мерките за физичко дистанцирање ќе мора да потраат подолго време, барем во текот на наредната година додека не се пронајде вакцина или поефикасен лек. Исто така, ќе се зголеми бројот на луѓе кои ќе страдаат од проблеми со зглобовите, од кардиоваскуларни и други здравствени проблеми поради намаленото движење во периодот на строги мерки. Затоа, колку побрзо се започне со осмислување и спроведување на вакви мерки за овозможување поголем пешачки и велосипедски простор, толку подобро за сите. Оваа криза е нашето ново нормално за минимум една година и градовите треба да покажат резилиентност и флексибилност во справувањето со неа.
На подолг рок се надеваме дека дел од овие мерки ќе преминат од привремени во постојани, токму поради корисноста за општото добро и здравје на граѓаните.
Ние, велосипедистите и пешаците, стоиме на располагање за консултација и помош во однос на спроведување на овие мерки.
Клуб за планинарски спортови
Москито 2015, Кочани